Хрватска „на мускули“ ја совлада Србија и со три од три оди понатаму

Хрватска во вториот дел направи пресврт и славеше против Србија со 21-24, за пласман во следната фаза со максимален учинок од три победи во групата А на Европското првенство. Натпреварот во Грац беше изненадувачи неизвесен, а Србија не издржа повеќе од 45 минути со активен резултат и во финишот загуби. 

Натпреварот започна како што се очекуваше, Хрватска поведе, а противникот бркаше резултат. Србите во два наврати израмнија, пред „коцкестите“ првпат да се одлепат на плус три позитива. Импресивен на стартот беше Марин Шего кој до 14. минута собра седум интервенции и ги затвори приодите кон својата мрежа. 

Сепак, следеше црн период за Хрватска од речиси десет минути без постигнат погодок, кога Цупара на спротивната страна го украде шоуто. Србија првпат поведе во 23. минута, а до крајот на полувремето постигнаа уште само еден гол за 10-8. 

Во продолжението, мечот продолжи во исто темпо, но овојпат Хрватите беа тие кои бркаа резултат. Пресвртницата беше некаде околу 45. минут,а кога Шего одбрани два зицери во една акција и трет веќе во следната. 

Хрватска на крилја на одбранетите удари направи серија од 5-0, со што ја врати највисоката предност од првиот дел. Искусниот поранешен вардарец Карачиќ направи одличен соло продор во свој стил со кој изнуди и две минутно исклучување. Веќе во следната контра европскиот шампион со Вардар погоди за крај на надежите на Србија за 20-15. 

До крајот искусните хрватски ракометари ја задржаа високата предност и не му дозволија на ривалот да се врати во натпреварот. Лидери во победата беа Домагој Дувњак и Лука Степанчиќ кој погодија по пет пати, додека Радивојевиќ и Кукиќ кај Србија имаа по гол помалку. 

Клучен фактор на победата на „коцкестите“ беше Марин Шего, кој собра 16 интервенции, а дел од нив во период кога се кршеше резултатот. Неговиот колега на спротивната страна, Цупара имаше двојно помалку, односно осум.