Хрватска ја фрли Франција на колена и ќе игра квалификации за ЛОИ!

Репрезентацијата на Хрватска направи подвиг и на Светското првенство (СП) славеше над големиот фаворит Франција (20-23), со што ќе патува на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во 2020 година.

На избраниците на Червар им одговараше само победа над „триколорите“ за да завршат како третопласирани во групата и да разигруваат за петтото место на Мундијалот и воедно да дојдат до сигурна „виза“ за квалификации за ЛОИ во Токио. Тоа и им успеа, во еден натпревар без многу агресија и без многу „жар“, посебно од страна на Французите, кои имаа 12 загубени топки на мечот во Келн, што е реткост за нивната игра.

Дуелот на двете европски репрезентации почна со голема борба, но и доминација на хрватскиот голман Шего. Чуварот на мрежата на „каубоите“ забележа четири интервенции за седум минути и на својот тим му овозможи да се одлепи на 5-3.

Одличен беше крилото Златко Хорват, кој ги реализираше нападите на Хрватска, а одбраната функционираше, затоа што Франција беше задржана три минути без постигнат погодок. Предноста од два гола Хрватска ја имаше до 20 минута, кога Жерард почна да брани, а Нгесан и Ричардсон го свртеа резултатот во полза на Французите (10-11).

Полувремето заврши изедначено (11-11), а двата тима продолжија со иста игра и во наредните 15 минути, затоа што во „Ланксес Арена“ на семафорот на 20 минути Хрватска имаше еден гол предност. Ниту еднаш, „коцкестите“ не дојдоа до предност повеќе од два гола, а Франција константно бркаше негатива.

Во еден момент од мечот, Франција загуби топка, а Мандиќ даде гол во мрежата на „триколорите“, за прва предност на Хрватска од три гола на мечот (16-19). Потоа, следеше и предност од четири гола (16-20), позитива за тимот на Червар која до финишот се покажа како недостижна.

Најдобар кај победникот беше Златко Хорват со седум гола од седум обида, додека Мандиќ заврши со четири гола. Кај Французите, Ричардсон погоди пет пати, а Абало и Нгесан дадоа по три погодока. Од групата, Франција и Германија се сигурни полуфиналисти, Хрватска е третопласирана, додека четвртото место ќе ѝ припадне на Шпанија.

СП, Главна фаза, Група 1
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ГерманијаГерманија 5 4 1 0 136:116 20 9
2 ФранцијаФранција 5 3 1 1 133:122 11 7
3 ХрватскаХрватска 1 5 3 0 2 124:117 7 6
4 ШпанијаШпанија 1 5 2 0 3 147:136 11 4
5 БразилБразил 5 2 0 3 128:149 -21 4
6 ИсландИсланд 5 0 0 5 122:150 -28 0