Хрватска и Србија одиграа според планот и со бодови одат во следната фаза

Ракометното Светско првенство дојде до крајот на групната фаза, а со тоа се комплетираше костурот за групите во главната рунда. Во последното трето коло според планот одиграа балканските тимови Хрватска и Србија

„Каубоите“ со леснотија се справија со Мароко и ја запишаа втората победа (36-24), со што ќе пренесат два бода во следната фаза. Мароканците тргнаа одлично, поведоа и парираа во првото полувреме, се одржуваа во игра, за потоа да им се случи „распад“. Лука Циндриќ диригираше, постигна девет погодоци за Хрватите и ги водеше до оваа победа. 

Сигурен триумф запишаа и Србите, на мечот со Катар (24-34). Така, во директната битка се изборија за да прејдат во главната групна фаза со бодови. Избраниците на Џерона се наметнаа од стартот, поведоа и се одлепија, за рутинска победа. 

Изненадувања немаше ниту на последниот меч, во кој Тунис иако тргна храбро и водеше против Данска, убедливо загуби (21-34) од фаворитот.