Хрватите си зедоа слободен ден, Шведска и без Готфридсон ги растури „каубоите“

Двојниот олимписки победник од Атланта и Атина, хрватската ракометна репрезентација продолжува во стилот топло-ладно. По одличното издание и победата над Германија, „каубоите“ убедливи загубија од Шведска со 27-37 (15-18) во рамките на четвртото коло од групната фаза и ја пропуштија првата меч-топка за четвртфинале. Со исклучок на првите десет минути Хрватите не беа рамноравни и примија дури 38 голови.

Момците на Дагур Сигурдсон одлично отворија и на крилата на одличниот Доминик Кузмановиќ од 1-2 дојдоа до 6-2. Се разиграа Мартиновиќ и Лучин, а Шведска, без казнетиот Џим Готфридсон, како да немаше лидер во организацијата на играта. Но, момците на Глен Солберг ја подобрија одбраната, се разбрани Паличка и со брза игра почнаа да ја топат хрватската предност.

Пелас, Лагербрин, Сандел и пивотмените немилосрдно погодуваа и во 25, минута резултатот беше израмнет. Со пеколен финиш и лесни голови по техничките грешки на Хрватите, Шведска на одмор замина со 15-18.

Кога се очекуваше реакција на почетокот од вториот дел, Хрватска „пукна“ во одбраната и за десетина минути Едвардсон, Лагербек и соиграчите побегнаа на +8. Доминик Кузмановиќ единствен не се предаваше и во 42. минута стигна до двоцифрен број на одбрани. Сигурдсон повика минута одмор и ги опомена своите момци дека без контакт нема игра во одбрана. Но, Хрватите и енергетски попуштија и Шведска лесно го приведе натпреварот кон крај, победивајќи со 27-37.

Мартиновиќ беше најефикасен кај Хрватска со осум гола, додека кај Шведска Пелас постигна девет. Одлични беа двајцата голмани, Паличка со 15 и Кузмановиќ со 14 одбрани.

Овој хрватски пораз уште повеќе ги компликува работите за момците на Сигурдсон, па за четвртфинале ќе им треба победа против Шпанија в недела. Пет селекции се борат за место во елиминационата фаза од оваа група, а работите ќе бидат појасни по денешните дуели Словенија - Јапонија и Шпанија - Германија.