Христијан Милошески го засили Бутел Скопје

Екипата на Бутел Скопје донесе нов ракометар во своите редови и потпиша договор со левиот бек Христијан Милошески.

Милошески, кој има 20 години, во редовите на бутелчани доаѓа од Работнички. Потекнува од составот на Филип Прилеп, а во кариерата настапуваше и за Вардар Јуниор.

„Сакам да изразам благодарност до Бутел за укажаната можност. Среќен сум што во наредните години ќе го носам дресот на овој тим, но исто така и среќен што ќе соработувам со одличен тренер и одлични, искусни играчи. Своето претходно искуство ќе го искористам најдобро што можам, но и ќе работам напорно за што е можно повеќе да се надоградам како ракометар. Се надевам дека ќе добијам шанса да се докажам, да ги исполнам очекувањата и достојно да го претставиме Бутел во Купот на ЕХФ и во домашните натпреварувања“, изјави Милошески.

Од минатата сезона во ростерот на тимот ги нема Григорјев, Трајковски, Николов, Давидовиќ и Панченко, а покрај Милошески, дојдоа Даскалоски, Шокоски и Димов.

Бутел под водство на новиот тренер Кристијан Грчевски своето деби на европска сцена ќе го има во второто коло на ЕХФ Купот против победникот од дуелот од првото коло меѓу Запорожје и Лондон.