Храбрите момци на Јовиќ ја добија драмата со Пролет и направија огромен чекор кон плеј-офот

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 по фантастичниот натпревар против Металург и убедливата победа од 16 гола разлика, вечерва по голема борба и трилер-завршница славеа над Пролет среде Скопје (29-32) и ја запишаа можеби клучната победа во патот до плеј-офот на Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Пролет и Еурофарм Пелистер 2:

Битолските ракометари мотивирано го отворија натпреварот во „Македонско Сонце“ и за нијанса беа подобриот ривал на теренот, но никако не можеа да влезат во серија и поосетно да се одлепат. Пролет, иако бркаше резултат, остана сконцентриран и до своето прво водство стигна дури кон средината на полувремето, кога поведе со 10-9. Но, во редовите на пелистерци расположени за игра беа младите Цветан Кузманоски и Емилијан Ѓорговски, кои со вкупно пет гола во клучен момент направија пресврт и „зелено-белите“ на полувреме заминаа со позитива од еден гол (15-16).

Во вториот дел гостите одново започнаа поквалитетно, но овој пат благодарение на одличната одбрана и прецизниот напад успеаја да се одлепат на три гола разлика и да го префрлат притисокот на противничките ракометари. Пролет одлично се справи и со тоа и повторно го направи финишот супер-неизвесен. Сепак, кога беше најпотребно гостите од Битола покажаа квалитет на паркетот и со 29-32 впишаа огромни три бода на своето конто.

Најдобри поединци во таборот на Еурофарм Пелистер 2 беа Кузманоски со десет и Ѓорговски со шест гола, а одличен настап имаше и кружниот напаѓач Филип Арсеновски со пет погодоци. Во таборот на Пролет прв стрелец беше Палевски со осум гола, а два помалку запиша Голубовиќ.

Ракомет – Суперлига (15. коло)
Пролет – Еурофарм Пелистер 2 29-32 (15-16)

Спортска сала „Македонско сонце“ - Скопје
Гледачи: 200
Судии: Спаско и Глигор Ќаеви

Пролет:
Петковски 1, Цветковски, Аларов 4, Манев, Пецаковски, Јовановски, Додевски 1, Димов 1, Андоновски 3, Џонов 3, Мајнов 1, Димовски, Крстески, Голубовиќ 6, Палевски 8, Пејовиќ 1
Седмерци: 7/5
Исклучувања: 12 минути

Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски 1, Ристевски, Кузманоски 10, Буторац, Пав. Атанасијевиќ 1, В. Димитровски, Петровиќ 4, Димитриоски 1, И. Димитровски, Стоилевски 3, Талевски, Пет. Атанасијевиќ 1, Ѓорговски 6, Ѓукиќ, Блажевски, Арсеновски 5
Седмерци: 7/7
Исклучувања: 14 минути