Храбрите „лавови“ ја спуштија Словенија на земја, Црна Гора патува во главната фаза на ЕП

Ракометарите на Црна Гора приредија уште едно изненадување во групата А од Европското првенство во Унгарија и Словачка и ги продолжуваат настапите на континенталниот собор. Во директниот дуел за второто место, кое носи главна фаза, Црна Гора ја изненади фаворизираната Словенија и на крај славеше во трилер-завршницата со 33-32 и за првпат во историјата ја минува првата групна фаза на едно Европско првенство.

Стартот на балканското дерби во „Феникс Арената“ донесе ефикасна и атрактивна игра на двете страни. Осакатената Црна Гора на овој натпревар не можеше да смета ниту на крилото на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ, кој се пожали на повреда, но и покрај тоа одлично му парираше на ѕвездениот тим на Словенија. 

Момците на Рогановиќ, кој за првпат на овој собир застана на клупата на селекцијата, имаа одговор на секој налет на фаворизираниот противник и до половина полувреме се држеа во егал, но потоа следуваше серија грешки во црногорскиот табор, па искусниот противник одлично го искористи тоа и на полувреме замина со позитива од три гола (16-19).

Израмнето и борбено се играше и на почетокот на вториот дел. Црна Гора во неколку наврати намали на два гола негатива, но на паркетот блескаше вториот голман на Словенија, Кастелиц, кој одбрани неколку клучни топки, а притоа постигна и два гола, и ја одржуваше предноста на својата селекција. Но, „лавовите“, иако ранети не се предадоа и во 50. минута израмнија на 28-28. Потоа Симиќ одново приреди чудо и одбрани три пенали на противникот и Црна Гора сензационално славеше со 33-32.

Прв стрелец на натпреварот беше Бранко Вујовиќ со девет гола, а натпревар на кариерата имаше кружниот напаѓач Грбовиќ со седум погодоци. Кај Словенија по шест гола впишаа Кодрин и Доленец.