Храбриот Ференцварош го сруши Есбјерг и ќе игра за трофејот во ЛШ

Ракометарките на Ференцварош се пласираа во финалето на Лигата на шампионите, откако го добија драматичниот натпревар против Есбјерг (30-29). Изненадувањето на завршниот турнир во Будимпешта одново ги изненади сите. Екс-вардарките Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ беа меѓу најдобрите во походот на финалето.

Двете екипи почнаа нервозно и, за разлика од првото полуфинале, се играше крајно неефикасно, Но, потоа данските бекови се разиграа, Рике Полсен одбрани неколку тешки топки и Ецбјерг поведе со +3. Сепак, цврстата, на моменти и груба игра на Унгарките, им донесе приклучок и во 18. минута, со голот на Драган Цвијиќ, намалија на 8-9. Нора Мерк и Хени Реистад ги презедоа работите во свои раце и Есбјерг на одмор замина со предност од 13-17.

Иако Есбјерг го отвори продолжението со погодок и поведе со +5, сепак следеше целосен кам-бек на домаќинот. Ференцварош воден од огромната поддршка од трибините почна да ја топи предноста, па бргу дојде до егал (21-21). Од израмнувачкиот погодок на Малестеин, започна играта гол за гол. Фаворитот Есбјерг почесто водеше, барем до завршните пет минути од натпреварот. 

Сепак, храбрите ракометарки на Ференцварош одиграа одлично кога беше најпотребно, го искористија периодот од пет минути без гол на Есбјерг и дојдоа до +2 (28-26) во 56. минута. Екипите си разменија голови на двете страни, па во завршните две минути се влезе со 29-28. Мало невнимание ја натера Лекиќ да испушти топка, па Реистад погоди за егал. Ференцварош имаше напад за победа, па по многу проигрувања Емили Белк презеде одговорност и со гол од десет метри го сруши Есбјерг. 

Ангела Малестеин со седум гола беше најдобра во тимот на Фeренцварош, додека Белк заврши со шест, а Андреа Лекиќ и Катрин Клујберг финишираа со по пет. Во данскиот табор максимална со „седум од седум“ беше Нора Мерк, исто колку што имаше и Реистад. Ова е прво европско финале за славниот унгарски бренд, по пауза од 21 година и историскиот двомеч против Кометал Ѓорче Петров.