• Зоран Мишевски
Ракометарите на Еурофарм Пелистер одново одиграа фантастично во Лигата на шампионите, но немаа сили до крај да се надигруваат со моќниот ПСЖ и го забележаа првиот пораз во новата сезона во ракометната елита. Македонскиот шампион долго време играше рамо до рамо со фаворизираниот противник, во неколку наврати имаше и водство од три гола, но попушти концентрацијата во финишот и искусниот домашен тим го искористи тоа и на крај славеше со 33-27 (16-16).
Битолчани почнаа одлично и шест пати го израмнија резултатот во првите десетина минути. Момците на Рубен Гарабаја играа разноврсно и ја пробиваа централната фаза од одбраната на тимот на ПСЖ. Сепак, по водството од 6-7 на македонскиот првак, следеа неколку технички грешки и индивидуални потези на Пранди и Јахиа и по серијата 4-0 за „светците“, Гарабаја побара тајм-аут.
Следуваше многу поорганизиран Еурофарм Пелистер во одбраната и креативен во нападот. Кога Мадсен го изротира целиот ростер, при 15-10 почна серијата на битолчани. Манасков беше непогрешлив. Цехте играше паметно, погодуваа и Радивојевиќ, Пешевски и Павле Атанасијевиќ и со серија 6-1 пелистерци го завршија првиот дел. Младиот Давид Брестовац одлично дебитираше во Лигата на шампионите и Еурофарм Пелистер заслужено со 16-16 замина одмор.
По паузата на голот на пелистерци се врати искусниот Митревски, кој блесна и врза неколку интервенции. Тоа го искористија брзите крила Петар Атанасијевиќ и Рудолф Хекберт и Пелистер одново го презеде водството. Круна на одличниот старт на искусниот македонски голман беше голот во 34. минута и „зелено-белите“ за првпат поведоа со два гола разлика, а со вториот погодок на бразилското крило македонскиот шампион се искачи на +3 (18-21).
Во моментите кога Еурофарм Пелистер беше во налет, Хенигман заработи исклучување од две минути, но и покрај тоа момците на Гарабаја не попуштија и ја одржуваа сигурната предност. Сепак, домаќинот не дозволи серијата на противникот да продолжи, па ја врати неизвесноста на натпреварот и во последните десет минути се влезе со егал резултат (26-26). Во клучните моменти пелистерци влегоа во мини-криза, а на спротивната страна се разбрани Сулие, па сонот за историска гостинска победа на пелистерци беше згаснат и ПСЖ славеше со 33-27. Битолчани во финишот протестираа на судиските одлуки на делителите на правдата од Исланд, кои во најмала мера беа чудни, дури и Пешевски беше исклучен заради приговор, но веќе беше доцна и со серија 7-1 францускиот првак го реши прашањето на победникот.
Најдобар поединец кај домашниот тим беше Пранди со 11 гола, а Шипжак имаше седум. Кај македонскиот шампион прв стрелец беше Манасков со пет гола, еден помалку имаше Кузмановски, а Цехте заврши со три гола. Во следното коло во Битола гостува тимот на ГОГ Гудме, додека ПСЖ гостува кај ПИК Сегед.






