Храбриот Еурофарм не издржа до крај, со пораз од Спортинг тргна во ЛШ!

Еурофарм Работник не успеа да го повтори успешниот старт од СЕХА лигата и својот дебитантски натпревар во Лигата на шампионите го заврши со пораз во рамки од групата Ц. 

По трилер завршница со победа од Битола си замина португалскиот вицешампион Спортинг Лисабон, откако потешко од очекуваното ја потврди фаворитската улога и со 29-30 (16-15) го совлада македонскиот тим. „Фармацевтите“ имаа голема поддршка од битолската публика, која во текот на сите 60 минути им беше ветар в грб на ракометарите, но не успеа. Домаќинот го имаше и повратникот во составот, првиот стрелец од ланската сезона Владислав Остроушко, играше борбено, мотивирано, креативно и му создаде големи проблеми на гостинот, но во самиот финиш како да испушти здив и немаше сили за изненадување, па бодовите отпатуваа за Португалија.

Битолчани храбро го започнаа мечот, Митревски веднаш ја запиша првата интервенција, а Невен Стјепановиќ, продолжи онаму каде што застана во СЕХА лигата и со нова „бомба“ испиша историја и стана првиот ракометар кој постигнал гол за Еурофарм во Лигата на шампионите. 

Репрезентативниот голман продолжи со серија одбрани, а Маџовски со својот втор погодок за првпат донесе предност на својот тим од два гола разлика (6-4). Искусните Португалци знаеја како да одговорат и со серија од 3-0 повторно го презедоа водството, кое по исклучувањата на Маркоски и Вегар се зголеми на два гола (8-10), но Кузманоски од пенал намали, а Стјепановиќ и Јотиќ донесоа еуфорија во битолската сала и водство на Еурофарм од 11-10. 

Проблемите за Спротинг продолжија, Митревски повторно беше на висина на задача, а Остроушко по брза транзиција погоди за 13-11 за први грижи на Анти и тајм-аут за гостите, кој не помогна многу, затоа што на полувреме се замина со позитива на Еурофарм од 16-15. Во првите 30 минути најпрецизен кај домаќините беше Стјепановиќ со четири гола, а по три постигнаа Јотиќ и Ѓукиќ, додека кај гостите пет гола запиша Јоанеа.  

Вториот дел започна со израмнет ракомет, Јотиќ и Шевелев ја чуваа резултатската неизвесност, а во 40. минута Еурофарм не реализира два напади за водство, кое беше казнето од Арајо за 21-23 за португалскиот тим и прва минута одмор за избраниците на Стевче Алушовски. 

Грешките на битолчани продолжија и по тај-аутот и Спортинг погоди од контра за највисоки +3 (21-24). Постот на битолчани го прекина Остроушко со својот прв гол во вториот дел (23-25), а потоа беше прецизен од пенал за само еден гол негатива на својот тим и реакција на Анти. Во финалните пет минути се влезе со предност на гостинот од 25-27, Шевелев погоди за 26-27, но во последниот напад Спортинг погоди за 29-30.

  • Извештај од натпреварот: 

Кај македонскиот тим најрасположени беа Остроушко и Јотиќ со по пет гола, а Шевелев и Стјепановиќ погодија по четири , додека кај Спортинг се истакна Јоанеа со десет гола. Битолчани право на поправен ќе имаат веќе в среда, за кога е закажано гостувањето во Шведска кај Савехоф.