Хосни: За мали детали Еурофарм Пелистер ја загуби титулата, годинава ќе биде подобро

Мултинационалниот тим на Еурофарм Пелистер за сезоната 2022/23 ги надминува балканските граници. Покрај многуте македонски репрезентативци и Балканците Радовиќ и Лесјак, за првпат битолчани имаат интернационалци од Франција и Тунис.

На местото на Матео Мараш, нов десен бек на битолчани е 29-годишниот Тунижанец, Усама Хосни. Тој се обрати до медиумите на официјалното претставување и покажа силна мотивираност за новиот проект.

„Ова е убаво искуство за мене. Можноста да дојдам во Македонија и да бидам прв ракометар од Тунис во Еурофарм Пелистер ми ја понуди мојот агент. Тој ми го претстави клубот и амбициите, можноста да се остварат добри резултати во Европа и да се освои македонското првенство. Ова е убава шанса за мене, тотално различно искуство од Франција, каде што играв. Оптимист сум и мотивиран сум за мојот нов предизвик.

Наидов на амбициозна група ракометари. Важно е да се бориме за титулата во Македонија. Го гледав последниот натпревар против директниот конкурент Вардар 1961 минатата сезона. За жал заради мали детали Еурофарм Пелистер ја загуби титулата. Но, оптимист сум дека годинава ќе биде подобро“, смета Хосни.

Пред седум години десниот бек на туниската репрезентација застана на патот на нашиот национален тим до олимпискиот сон. Тој беше најдобар туниски ракометар во победата во Гдањск, со која го исполни сонот и заигра на Летни Олимписки игри.

„Ракометот има традиција на Балканот. Македонија има добра репрезентација, во 2015 година игравме важен натпревар во Полска за олимписките квалификации. Бев најдобар играч на тој натпревар, победивме и благодарение на тој натпревар, Тунис се квалификува за Олимписките Игри во Рио. Традиција е да излегуваат добри ракометари од Македонија, да имате добра селекција. Убав пример за тоа е Кирил Лазаров“, заврши Хосни. 

Десниот бек на Еурофарм Пелистер со својот национален тим го освоии Купот на Африка во Габон во 2018 година, а се закити и со сребрен медал на Купот на Африка во Тунис во 2020 година. Освојувач е и на сребрен медал на Медитеранските игри во Тарагона 2018 година