Хосни: Таргетот можеме да го достигнеме и да се пласираме во осминафиналето во ЛШ

Еурофарм Пелистер одлично се држеше против силниот ПСЖ во второто коло од Лигата на шампионите. Натпреварот во Париз донесе повеќе возбудувања од очекуваното, а на крај бодовите останаа во Париз, благодарение на фуриозниот финиш на домаќинот (33-27).

Усама Хосни, еден од најискусните во таборот на пелистерци, вели дека тимот може да се подобри во некои сегменти и верува дека овие момци сезонава може да го достигнат таргетот и да се пласираат во елиминационата фаза. 

„Искрено бевме многу добри педесет минути, можеби можевме да одиграме подобро. Но,  игравме против ПСЖ, тим составен од одлични ракометари со големо искуство. Има некои работи што можеме да ги поправиме и треба да бидеме подобри на следните натпревари.

И минатата година кога игравме тука беше тврдо, но оваа сезона кога ќе играме дома ќе биде поразлично. Треба да бидеме фокусирани и ќе ни е потребен секој играч за да успееме да го достигнеме таргетот и да ја поминеме групата“, рече искусниот бек.

Следен противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите е ГОГ Гудме, натпревар кој се игра во среда во Битола.