Хорват: Вардар е фаворит, но и ние имаме свои шанси за четвртфинале

Gol.mk ексклузивно интервју

Капитенот на хрватскиот првак ППД Загреб, Златко Хорват, 25 години е во поранешниот двократен европски клупски првак, клуб кој е основан во 1922 година, клуб во кој овој одличен ракометар ја минува целата кариера.

Од 2002 година, хрватскиот интернационалец е во првиот тим на Загреб и 16 пати беше национален првак и освојувач на Купот на Хрватска. Триумфираше и во првото издание на СЕХА Лигата, а во 2005 година играше во финалето на Купот на Куповите на ЕХФ.

Цели 14 години, 34-годишникот е член на А-репрезентацијата на Хрватска со која освои седум медали од најголемите натпреварувања: бронза од Олимписки игри 2012, три сребра (Медитерански игри 2005, Еевропско првенство 2008 и Светско првенство 2009) и три бронзи (Европско првенство 2012 и 2016 и Светско првенство 2013).

„Нашите очекувања се да одиграме два добри, одлични, натпревари. Знаеме кој е Вардар, се знаеме долга низа години, преку СЕХА Лигата и во повеќе наврати и Лигата на шампионите. И да настапиме добро на двете средби, тоа не ни е гаранција дека ќе се пласираме натаму, но ќе дадеме се од себе да успееме во тоа“, вели Хорват за Gol.mk.

Вардар претходните пет сезони по ред се пласира најмалку во четвртфиналето од Лигата на шампионите, а ППД Загреб минатите две сезони не стигна меѓу најдобрите осум во елитата.

„Вардар е, сепак, секако, фаворит во овие два натпревари. Но, покажавме повеќе пати во оваа сезона дека фаворит може и да загуби од нас. Но, и Вардар покажа дека може да победи во многу мечеви во кои беше аутсајдер. И не сме фаворити, но имаме некои свои шанси, а нема да биде лесно, но ќе дадеме сè од себе“, смета искусното крило.

Сезонава, пред неполн месец, „црвено-црните“ со два гола разлика ги победија загрепчани во Скопје во рамките на регуларниот дел од сезоната. Претходно, хрватскиот првак триумфираше во загрепска „Арена“ со три гола разлика. 

„Јас во првиот меч во Загреб би бил задоволен со било која наша победа, да стекнеме било каква предност пред натпреварот во Скопје, иако тоа ништо не гарантира. Имаше една ситуација во која ние загубивме во осминафиналето од Рајн Некар Левен на свој терен, а на крајот победивме  во Манхајм. Најважен ќе биде крајниот резултат, а тоа ќе биде во Скопје пред нивните навивачи кои досега покажаа како се навива за својот клуб. Секако дека амбиција ни е да одиме натаму. Ќе се обидеме да поминеме, односно да победиме во тие два меча. Но, лесно е така да се зборува. Треба да се покаже на терен. И да одиграме две свои добри средби, но тоа не е гаранција деќа ќе поминеме натаму“, вели одличниот и мошне прецизен ракометар, кој ни најави дека најверојатно во Загреб ќе ја заврши кариерата.

Првиот осминафинален натпревар меѓу се игра в сабота од 20:30 часот во главниот град на Хрватска.