Хорват: Тулуз е во врвот на францускиот ракомет, но Металург знае да прави чуда

Металург ги одбројува часовите до мечот со Тулуз и дебито во Европската лига на ЕХФ. Големи се очекувањата на екипата од Автокоманда оваа сезона, а за Gol.mk пред првата средба зборуваше хрватското крило Златко Хорват.

Еден од најквалитетните, ако не и најквалитетниот играч во Металург, вели дека сите посакуваат добар меч во Тулуз и добар старт, иако тоа нема да биде воопшто лесно ако се земе предвид дека противникот е екстра-квалитетен.

„Во Франција посакуваме да одиграме добар натпревар. Го анализиравме противникот и во изминатите четири-пет дена доста добро работевме за да се подготвиме за нив. На тренинзите ги одработивме сите задачи и варијанти и одиме во Тулуз да бидеме што е можно подобри и да пробаме да направиме позитивен резултат. Секако, нема да биде лесно, Тулуз е во самиот врв на францускиот ракомет, има сериозна екипа и доста добро ги играа последните натпревари. Но, Металург знае како да изненади. Од она што го знаеме, дуелот ќе биде еден тежок, тежок меч, ама се надеваме дека исто така и ние ќе имаме добра партија и во нападот и во одбраната. Првата цел ја остваривме, влеговме во групната фаза и ова ни е награда за она што го направивме. Можеме и чекор повеќе, ама ќе одиме од меч во меч“, вели Хорват.

Покрај Тулуз, Металург ќе се соочи и со Адемар Леон од Шпанија, Чеховски Медведи од Русија, Виспа Плок од Полска и Фиверс од Австрија.

„Можеме да кажеме дека имаме една доста добра група, со солидни екипи кои се од елитните лиги на европскиот ракомет. Имаме шанси да минеме натаму, но нема да биде лесно. Знаеме дека сите ривали се сериозни и искрено се надевам дека ќе ги развеселиме навивачите на Металург и сите нас во клубот со добри игри. Верувам во овој тим, без разлика на состојбата со короната и фактот дека ќе играме пред празни трибини и дека тој дел е пореметен. Ние сме концентрирани само на ракомет и на следните средби. Имаме реални шанси да пројдеме ако го покажеме најдоброто од себе“, заврши хрватската легенда.

Металург дебито на европската сцена ќе го има утре (вторник) со почеток од 18:45 часот.