Хорват: Треба да се погледнеме в очи, разочаравме многу наши фанови

Ракометната репрезентација на Хрватска доживеа шок на стартот на Мундијалот, бидејќи загуби од Египет со убедливи 22-31. „Каубоите“ влегоа на турнирот со амбиции за прво место во групата, меѓутоа тоа сега изгледа далечно. 

По тешкиот пораз, своите ставови ги изнесе селекторот Хрвоје Хорват кој го призна поразот од мотивираните африкански ракометари.

„Дефанзивниот дел не беше добар од почетокот, премногу лесно примивме голови. Постојано доцневме, не затворавме на време. Требаше да ги натераме да решаваат напади од нивна десна страна, голманите ќе ни помагаа, но и тоа не ни успеа. Кога не сме добри во одбраната, нервозата се јавува и во нападот. Тешко е да се издвојат поединци по ваков натпревар.

Сигурно радува оваа бројка на хрватски навивачи, па жал ми е што ги разочаравме. Утре треба да се погледнеме во очи. Имаме ден-два за ресетирање. Се наоѓаме во тешка ситуација, но не е ништо загубено“, рече Хорват.

Хрватите веројатно ќе ја минат групата и ќе се пласираат во главната фаза, ама шансите да го освојат првото место се значително намалени. Веќе утре ќе се судрат со САД, додека во вторник одат на мегдан со Мароко.