Хорват не може да крене глава од проблеми, двајца нови ковид-позитивни во Хрватска

Ракометната репрезентација на Хрватска го загуби воведниот натпревар на Европското првенство, но поразот од Франција не е единствената главоболка за селекторот Хрвоје Хорват.

Денес, хрватскиот стратег доби нови лоши вести поврзани со својот ростер. На денешното задолжително тестирање, во редовите на „каубоите“ има уште двајца заразени ракометари со ковид-19. Кружниот напаѓач, Леон Шушња и Ловро Михиќ добија позитивни резултати, па веднаш се ставени во изолација и сигурно ќе го пропуштат дуелот со Србија, кој за Хрватска е од големо значење.

Неизвесен за настап е и Лука Циндриќ, додека Давид Мандиќ поради синиот картон против Франција исто така ќе го скокне овој дуел. Хорват мораше експресно да интервенира за да ја пополни празнината и Жељко Муса (36) и Валентино Равниќ (26) од Загреб заминаа во Сегед.

Натпреварот меѓу Србија и Хрватска се игра утре, со почеток од 20:30 часот.