Хорват: Не личевме на Хрватска од подготовките, сега зависиме од други

Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват, го призна поразот од Црна Гора (32-26) и му честита на противникот за храбрата борба. Црногорците го одиграа најдобриот меч на ЕП 2022 и така го оддалечија балканскиот ривал од битката за медал, па сега „каубоите“ не зависат сами од себе.

„Отворивме доста нервозно, не успеавме да ја играме нашата игра. Сакавме да ги „скршиме“ Црногорците кои трпеливо играа пет или десет минути. Потоа следеа неколку добри одбрани на нивниот голман. Нервозата кај нас цело време беше присутна. Се договоривме да не го гледаме семафорот, бидејќи имаме многу млади играчи. За разлика од нас Црна Гора има многу искусни играчи кои знаеја да го искористат водството и текот на натпреварот. Математиката е таква каква што е. По поразот од Франција знаевме колку сме далеку од медал, а сега веќе не зависиме сами од себе. Но, наша цел е да се организираме, да личиме на онаа Хрватска која ја подготвувавме, а не на оваа што денес излезе на терен“, изјави Хорват.

Хрватите во следното коло ги чека уште потежок испит, затоа што се соочуваат со фаворитот за златото, селекцијата на Данска (22 јануари).