Хорват: Мечот со Србија е клучен за нас, мора да го добиеме

Србија и Хрватска го играат клучниот натпревар од првата групна фаза од Европското првенство. Во рамки од второто коло балканските селекции ќе одлучуваат која селекција ќе обезбеди место меѓу најдобрите на овој собир.

Големите ривали дуелот го дочекуваат во поинакво расположение. Во првото коло Србија ја декласираше Украина, додека Хрватска беше поразена од Франција. За Хрватите ова е последна можност да изборат место меѓу двете првопласирани селекции кои ќе се пласираат во главната фаза.

„Дефинитивно го играме одлучувачки натпревар. Знаевме уште пред првенството дека ова е наш клучен натпревар, без разлика на резултатот со Франција. Мораме да го добиеме тој натпревар.

За Србија знаеме горе-долу сè. Мислам дека повеќе ќе одлучува „неракометниот“ дел – кој ќе биде подобро подготвен, кој психички постабилен, кој помирен.

Затоа работиме на тоа да одиграме најдобро што знаеме и секако да победиме“, истакна Хорват.

Голем проблем за Хорват и Хрватска ќе биде отсуството на Давор Мандиќ, кој на натпреварот со Франција заработи син картон.