Хорват: Би сакал моите играчи да одиграат храбро против европскиот шампион

Бранителот на титулата во СЕХА лигата, Вардар, денес го игра својот последен натпревар, кој би можел да му донесе неколку рекордни достигнувања на крајот од сезоната. Противник ќе биде Нексе Нашице, кој беше надигран на првиот меч во Хрватска со 21-30 во рамки од 8. коло.

Тренерот на домашната екипа, Хрвоје Хорват, е свесен дека пред него и неговите ракометари стои големо име и противник, но се надева на исполнување на некои свои цели во текот на натпреварот.

„Немаме притисок за победа со оглед на тоа што играме против европскиот првак, но мора и ние да си поставиме одредени цели кои ќе ги исполниме во текот на натпреварот. Би сакале да одиграме солидна одбрана и добра транзиција во нападот. Сакам да ги видам моите играчи како храбро се надигруваат против големиот фаворит, но и нашата ситуација со повредени играчи не ветува многу. Сѐ уште не знаеме кој ќе биде способен за игра во Скопје“, изјави предводникот на Нексе.

Евентуална победа на вардарци ќе им донесе рекорден број на поени на крајот од една сезона во регионалната лига. Мечот се игра денес со почеток од 17.45 часот.