Холандија преку Унгарија го потврди второто место пред четвртфиналето

Ракометарките на Холандија славеа во битката за второто место против Унгарија (26-30), во последното коло од групата Б на Олимписките игри. „Лалињата“ ја исполнија својата цел и од второто место одат во плеј-офот на турнирот во Париз. 

Стартот на средбата беше целосно израмнет, селекциите се менуваа во водство и се играше егал до 8-8. Тогаш Холанѓанките врзаа серија од четири гола со кои се одлепија на 8-12. Имаше одговор и од страна на Унгарија, бидејќи успеа да се врати на гол дефицит. И покрај тоа до полувремето предноста порасна на четири гола, а на одмор се замина со 16-19. 

Во продолжението од мечот и Холандија беше константно во водство. Во неколку наврати Унгарките се обидуваа да дојдат до два гола негатива, меѓутоа немаа сили да стигнат до егал. Во завршницата „лалињата“ рутински ја завршија работата и славеа со највисоката предност на мечот. 

Со седум гола најдобра на теренот беше Абинг, додека Малестеин даде шест, а кај Унгарките се истакнаа Клујбер и Ѓори-Лукас со по пет.