Холандија по четири години одново во финале, Ван дер Хејден погоди за победа над Русија

Првото полуфинале на Светското првенство во Јапонија донесе израмнет и неизвесен меч, во кој на крај победата ја однесе репрезентацијата на Холандија во дуелот со Русија (32-33).

Се играше гол за гол цело прво полувреме, а така беше и на крајот од натпреварот. Двата тима покажаа дека се идентично квалитетни и дека заслужуваат меч за титула. Но, на крај одлучуваа нијанси, кои беа на страна на „лалињата“.

Одлуката околу конечната победа беше во режија на Ван дер Хејден која реализира на 15 секунди до крајот. Минималната предност беше одбранета во следниот напад на Русинките, во кој Вјакирева промаши за реми и продолжение.

Полман со девет и Абин со осум погодоци беа први стрелци кај холандската репрезентација. Вјакирева со 11 гола се истакна кај поразениот тим.

Вториот финалист ќе биде познат по мечот од второто полуфинале меѓу Норвешка и Шпанија.