Холандија моќна против Бразил за заверка на нокаут местото!

Ракометарките на холандската репрезентација запишаа трета победа во групите на Олимписките игри со која си обезбедија пласман во нокаут фазата. „Лалињата“ беа подобри од Бразилките и на крајот убедливо ги победија со 31-24 (17-13). 

Стартот беше мирен, двете селекции играа гол за гол и Бразил парираше, а во два наврати минимално водеше. Сепак, егалот се задржа до 7-7, за потоа Холанѓанките да почнат да се одлепуваат. Предноста почна да расте, достигна највисоки +5, а на одмор се замина со 17-13. 

Се обидуваа бразилските ракометарки да фатат приклучок, само на стартот беа на „минус три“, а потоа доаѓаа повеќе пати на четири разлика. Сепак, Холандија рутински го одбрани и зголеми своето водство, па запиша убедлива победа на крајот со највисоката предност од седум гола. 

Со овој триумф Холанѓанките дојдоа на шест бода, кои им се доволни пред последното коло да се еден од сигурните патници во нокаут фазата, но се блиску и до обезбедување на второто место во групата.

ФОТО/PHOTO: © IHF