Холандија го расипа дебито на Перковац, Турција триумфира во последна секунда

Новиот селектор на ракометната репрезентација на Хрватска, Горан Перковац, нема по добро да го памети дебито затоа што „каубоите“ загубија од Холандија (32-27) во квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2024 година.

Балканската селекција имаше проблеми со повредени играчи, но јавноста е разочарана поради високиот пораз од „лалињата“. Лук Стајнс беше најдобар кај Холандија со осум гола, пред Ставаст со шест гола, а кај Хрватите, Карачиќ даде девет, а Лучин седум гола.

Турците ја забележаа првата победа во квалификациите, но се помачија затоа што победија со гол во последна секунда против Луксембург (30-29). Франција на гостувањето во Гдањск беше убедлива против Полска (38-28).

Во неатрактивен меч, Грузија ја совлада Литванија (32-18) и го закова противникот на дното.