Херојска победа за Еурофарм Пелистер 2 во Автокоманда, Металург продолжи со порази!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја продлабочија кризата на Металург и прославија голема победа на гостувањето во Автокоманда (28-29). Ова е трет пораз во серија за поранешниот шампион, што со сигурност е најлош старт во клупската историја. 

Вториот тим од Битола, воден од Александар Јовиќ. покажа дека знае да се надигрува со фаворизирани противници. На денешниот натпревар постојано беше во чекор со домаќинот, а во вториот дел направи клучна разлика за втора победа во низа на стартот до новата сезона. Дека победата над Бутел Скопје пред неколку дена не беше случајна, пелистерци покажаа со авторитетно издание во вториот дел и златна победа во битката за место во разигрувањето. 

Се играше доста ефикасно во првото полувреме. Ниту еден од ривалите не успеа да се одлепи, а тимот од Автокоманда стекна еден гол предност пред да замине во соблекувална (17-16). Битолските голмани беа порасположени, а и двете крила Цветаноски и Ѓукиќ го полнеа голот на Дупјачанец.

Продолжението донесе изненадување за Металург. Младите пелистерци започнаа да играат полетно, погодуваа Петровиќ и Ѓоргоски и битолчани стекнаа прва чувствителна предност. Меѓутоа домашната екипа не дозволи финиш без неизвесност. Многу брзо направи серија и одново се врати на егал. До крајот се играше гол за гол, а поуспешни беа гостите, за голем триумф во третото коло.

Цветан Кузмановски постигна осум, а Милан Џукиќ и Павле Петровиќ завршија со по пет гола. Халил Озтурк со шест погодоци се истакна кај домашната екипа.

  • Комплетниот натпревар меѓу Металург и Еурофарм Пелистер 2: 

Ракомет – Суперлига (трето коло)
Металург – Еурофарм Пелистер 2 28-29 (17-16)

Спортска сала „Автокоманда“ - Скопје
Гледачи: 200
Судии: Глигор и Спаско Ќаеви (Скопје)

Металург:
Дупјачанец, Бардакоски, Брестовац, Улисес 3, Субашовски, Петров 4, Петковски 3, Хорват 6, Лазаревски 1, Озтурк 7, Митиќ, Каковски, В. Маркоски 2, Мане 2
Седмерци: 4/2
Исклучувања: 8 минути

Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски, Ристевски, Кузманоски 8, Пав. Атанасијевиќ 2, В. Димитровски 1, Митревски, Мирчевски, Петровиќ 5, Андонов, Димитриоски 3, Талевски, Пет. Атанасијевиќ, Ѓоргоски 3, Ѓукиќ 5, Блажевски, Арсеновски 2
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 12 минути

Бутел Скопје ја оправда фаворитската улога и освои цел плен против Тиквеш (22-21). Кавадарчани се покажаа како сериозен противник во првиот дел, но потоа попуштија, што тимот на Кристијан Грчевски го искористи за да направи чекор кон одбрана на домашниот терен.

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Тиквеш:

Пуљизовиќ со шест гола беше најефикасен кај домаќините, а Симиќ постигна осум гола кај гостите. Ова е втора победа од три натпревари за бутелци и трет последователен пораз за екипата на Ристо Магдинчев, која потклекна пред Охрид, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје. 

Еурофарм Пелистер, Пролет и Вардар 1961 се единствените три екипи со максимален учинок по три одиграни кола во Суперлигата. Веќе во следното коло, за шест и седум дена, се играат два дерби натпревари: Вардар 1961 - Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 - Пролет.