Хансен: Со Раул сè е поинаку, оваа сезона играм на врвно ниво

Ракометната репрезентација на Данска испиша историја и за првпат го подигна златниот медал од едно ракометно Светско првенство. Фантастичните момци на Јакобсен одиграа перфектен Мундијал пред својата публика, а очекувано прво име во селекцијата беше бомбардерот Микел Хансен. 

Искусниот лев бек одигра во врвна форма и речиси на секој натпревар беше немилосрден кон противничките голмани, а како што вели тој голема заслуга за тоа има македонскиот селектор Раул Гонзалез, кој од оваа сезона е негов тренер во ПСЖ.

„Минатата сезона беше тешка. Имав мала минутажа, далеку помала од таа што ја очекував, но понекогаш мора да се помириш и со тоа. Едноставно, мораш да ги засукаш ракавите и напорно да работиш. Оваа сезона имаме нов тренер (Раул Гонзалез) и кај него имам далеку поголема минутажа. Сите можеа да видат дека играм зрело и дека мојата форма е во нагорна линија оваа сезона“, вели данскиот бек. 

Хансен, Мундијалот во Германија и Данска го заврши како прв стрелец, а заслужено се здоби и со признанието најкорисен играч.