Хансен со лекција за бледата Франција, Данска ќе игра за златото на СП

Ракометната репрезентација на Данска ќе игра во своето четврто финале на Светските првенства, затоа што во полуфиналниот дуел ја разби Франција (38-30) и на домашен терен во „ЈУСК Арена“ во Хернинг ќе се бори за златото.

Данците беа надмоќни, посебно Микел Хансен, кој ги тероризираше „триколорите“. Французите беа тотално непрепознатливи, а убедливата победа на Данска се најави уште по првиот дел, кога со 21 постигнат гол, еден од организаторите на Мундијалот имаше предност од шест погодока.

Домаќинот на СП тргна одлично во мечот. Изгради сигурна разлика, со ефикасен напад кој изнесуваше над 75% погодени шутеви и успеа уште на стартот да се одлепи на 10-6. Дика Мем кај Франција беше катастрофален, влегуваше од грешка во грешка, а не функционираше и тактиката „седум на шест“, поради што Данците потоа со голови на Хансен ја држеа предноста од 12-8.

Потоа, Данска успеа да поведе и со 16-10, највисока позитива од шест гола која се задржа до полувремето, а стартот на вториот дел мина во тотална доминација на скандинавската селекција, која ја полнеше мрежата на Франција, за да дојде прво до 25-18, а потоа и до прво двоцифрено водство (31-21), кое за „галските петли“ до финишот беше недостижно.

Прво име кај победникот беше неверојатниот Хансен со 12 гола, Лауге даде шест, додека Олсен заврши со пет гола. Кај Французите, Мае даде осум гола, Ричардсон заврши со шест, а главниот адут Мем имаше меч за заборав и заврши со еден гол од шест обида.

Ривал на Данска во финалето во „ЈУСК Арена“ ќе биде победникот од натпреварот меѓу Германија и Норвешка.