Хансен се разигра пред Вардар, ПСЖ едвај го „скрши“ Порто

По лошиот старт, домашниот пораз од Флензбург и разочарувањата во Белорусија и Полска, ПСЖ на Раул Гонзалез конечно влезе во ритам. На само пет дена до натпреварот против Вардар (во вторник од 18:45 часот), „светците“ го надиграа Порто на Никола Митревски (29-28).

Во почетната фаза се играше израмнето, но на крајот од првиот и почетокот на вториот дел францускиот шампион заигра одлична одбрана и Ремили и Хансен ја направија разликата во нападот. Иако се чинеше дека ПСЖ лесно ќе дојде до триумф, слично како против Флензбург, ја потроши предноста и натпреварот влезе во драматичен финиш. Ремили погоди за +2 на влезот во последната минута и разрешени дилеми околу победникот. 

Данецот беше најдобар поединец на натпреварот со осум гола, а младиот Нахи и Ремили постигнаа четири гола. Дајмаро Салино Ајмадор со пет и Андре Гомез, Бранкињо и Алварез Итуриза со четири гола се истакнаа кај португалскиот шампион. Никола Митревски запиша четири одбрани, исто колку и Квинтана. 

ПИК Сегед заигра како што од овој моќен колектив се очекува и по одложените натпревари заради пандемијата од ковид-19, започна да реди победи. Унгарскиот вицешампион денес го совлада Елверум на домашен терен со 36-27 (17-15).

Во тимот на Хуан Карлос Пастор најефикасни беа Ричард Бордо со девет и Каспарек и Банхиди со по шест гола. Во норвешкиот шампион одличен натпревар одигра Блонџ Кристоферсон со седум погодоци.