Хансен и Алборг за крај на битолската приказна на Еурофарм Пелистер во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва го игра последниот натпревар пред својата публика во Лигата на шампионите. Кај „зелено-белите“ ќе гостува данскиот гигант Алборг, на чело со една од најголемите светски ѕвезди Микел Хансен.

Момците на Бранислав Ангеловски, а претходно на Александар Јовиќ, досега не успеаја да ја искористат пеколната атмосфера која што ја создаваат битолчани и сè уште се без бод во групата А, а најверојатно така ќе остане и по вечерашното соочување со Алборг, затоа што на противникот и тоа како му се потребни бодовите. 

Данскиот тим, по не така убедливиот старт, во финишот од групата фаза влезе во посакуваната форма и се бори за директен пласман во четвртфиналето. На две кола до крајот на групите, Алборг е на втората позиција на табелата со два бода помалку од Кил, а еден повеќе од ПСЖ, па затоа победата во Битола му е императив.

Нашиот шампион, пак, и на овој натпревар на паркет ќе истрча без никаков притисок, затоа што во овој момент на четата на Ангеловски многу поважни им се игрите и резултатите во плеј-офот во домашниот шампионат, кој го започнаа со три победи од исто толку натпревари. 

Средбата меѓу Пелистер и Алборг започнува од 20:45 часот, а секако дека и овој пат салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последно место.