Хановер прокоцка „+2“ во финишот и со реми патува за Битола 

Екипата на Хановер не успеа да им се врати на победите во домашниот шампионат, откако вечерва во самиот финиш прокоцна позитива од два гола и за Битола патува со реми од гостувањето кај тимот на Ерлинген (25-25). Германскиот тим е следниот противник на Еурофарм Работник во ЕХФ Купот, а нивниот меѓусебен дуел е закажан за в недела од 19:00 часот.

Избраниците на Ортега уште од самиот старт на мечот тргнаа офанзивно и влегоа во ритам кој беше недостижен за домашните ракометари. Дуото Кастелинг-Брозовиќ го решетеше голот на Ерлинген и Хановер на полувреме замина со позитива од три гола (12-15). 

Стартот на вториот дел повторно им припадна на гостите, кои во еден момент стигнаа до водство од пет гола 14-19, но домаќините заиграа далеку поквалитетно во продолжението и се изборија за супер-возбудлива завршница, откако на четири минути до крајот намалија на само еден гол негатива (22-23). Сепак, Хановер се врати на +2 (23-25), но одличниот Будел и Телингер во последната минута беа на висината на задачата и донесоа големо реми на својата екипа од 25-25. 

Брозовиќ и Кастенинг со по пет гола беа најпрецизни во таборот на Хановер, а по три постигнаа Чехте, Хафнер и Маверс. Кај домаќините се истакна Будел со седум гола. Повратникот во екипата на Хановер, Павел Атман не успеа да се запише во листата на стрелците.