Хановер испушти здив во вториот дел и загуби од Флензбург

Екипата на Флензбург ја продолжува трката за шампионската титула во Бундеслигата и одново го зазеде лидерското место на табелата, со еден бод повеќе од Кил, кој пак има еден натпревар помалку. Во првиот денешен натпревар од програмата на германскиот шампионат Флензбург не дозволи изненадување и на свој терен извојува сигурна победа над Хановер на Филип Кузмановски (28-24).

Избраниците на идниот тренер на Барселона, Ортега, квалитетно го отворија натпреварот против големиот фаворит. Во поголемиот дел од првото полувреме предноста беше на страната на Хановер, но во самиот финиш Флензбург влезе во серија и на полувреме замина со позитива од 13-11.

Одличниот финиш на првиот дел на домашните ракометари беше само најава за она што се случи на стартот од вториот дел. Хановер испушти здив и немаше сили да го следи чекорот на противниот, па Флензбург се одлепи на шест гола позитива (21-15), по што беше јасно каде ќе завршат бодовите. На крај фаворитот забележа сигурна победа од 28-24.

Македонскиот репрезентативец Кузмановски воглавно играше во дефанзивата и немаше свој учинок во головите на Хановер.