Халил Јагањац за сто илјади евра се раздели со Киелце и потпиша за РНЛ

Повремениот хрватски ракометен репрезентативец Халил Јагањац од следната сезона ќе стане редовен член на германски Рајн Некар Левен, каде беше на тригодишна позајмица од Киелце.

Хрватскиот лев бек потпиша двегодишен договор со Германците, а Рајн Некар Левен за целата зделка на Полјаците им плати сто илјади евра.

Јагањац во последните месеци се мачеше со повредите, но без разлика на тоа, Германците имаат целосна доверба во него и веруваат дека следната сезона би можел да формира одличен тандем со својот репрезентативен колега Иван Мартиновиќ, новиот капитен на хрватската репрезентација по пензионирањето на Домагој Дувњак. Секако, тоа најмногу зависи од иднината на Мартиновиќ, бидејќи наводно на маса има понуда од Веспрем.

Јагањац пред Киелце ги носеше дресовите на Нексе Нашице и Металург од Македонија, а треба да се напомене дека кратко време во почетокот на кариерата мина и во ПСЖ, каде настапуваше за вториот тим на парижани.