• Саше Љолес
Голманот на Еурофарм Пелистер, Саид Хаидарирад, се врати после повредата на задната ложа и одигра едно полувреме на натпреварот против Куманово во Суперлигата, а сега се фокусира на предизвикот во Лигата на шампионите, каде битолчани се среќаваат со екипата на ПИК Сегед.
Искусниот чувар на мрежата зборуваше за тешкиот дуел во елитниот ранг на ЕХФ, најавувајќи дека очекува добар резултат и очекува гостите повторно да бидат сведоци на пеколната атмосфера во салата „Боро Чурлески“.
„Се вратив бргу, најмногу благодарение на медицинскиот тим, кој заврши одлична работа. Повредата е минато, сега се фокусираме на мечот со ПИК Сегед. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите гледачи.
Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме и на следниот натпревар против Сегед. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен и се наоѓа во позитивен моментум. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што чув, следниот ривал прикажал извонредна игра.
Таму има многу добри и искусни ракометари, затоа мора да сме свесни дека овој меч ќе биде исклучително тежок за нас“, изјави Хаидарирад.
Еурофарм Пелистер досега забележа една победа во тешката конкуренција од групата Б. Натпреварот против ПИК Сегед ќе се одигра на дванаесетти ноември, а почетокот е закажан за 20:45 часот.







