Густафсон блескаше на гол, Исланд го најде лекот за Португалија

Репрезентацијата на Исланд одигра атомски дуел со Португалија во кој успеа да слави (25-28) со што дојде до првата победа во втората фаза на ракометното Европско првенство (ЕП) кое се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.

„Рибарите“ беа во константна предност цел натпревар, меѓутоа Португалија одигра атомски натпревар и цело време се враќаше. Голманот Густафсон беше одличен на голот и беше еден од главните виновници за важниот триумф. Исланд сега во втората фаза има една победа и два порази исто како и Португалија, а во наредната рунда ќе игра дерби со Норвешка.

Дуелот за Португалците почна кошмарно, затоа што за тринаесет минути дадоа само еден гол. Тоа Исланд го искористи, воден од одличниот голман Густафсон и расположените шутери во нападот дојде до висока позитива од 1-7, но Португалија не се предаде, па почна да го топи противничкото водство.

Со одлична игра „седум на шест“, Португалците дојдоа на 5-8, до паузата со неверојатен гол со звукот на сирената на Магалаеш намалија на „минус два“ (12-14), а потоа со истиот брз стил на игра без голман, одлично го отворија второто полувреме и се изедначи (14-14).

Во 36. минута од натпреварот Португалија за првпат поведе на натпреварот (17-16) и оттогаш до крајот имаше големо надигрување. Исланд константно водеше, ама Португалија ја држеше неизвесноста. Прашањето околу победникот се реши во последните пет минути, кога Палмарсон се разигра, а исто така одличен беше и Сигурдсон кој скрати два напади на Португалија и воедно изнуди исклучување на Боргес. Секако, тука беше и голманот Густафсон, кој нанижа неколку одбрани во последните десет минути.

Најефикасен кај Исланд беше Смарасон со осум гола, а Палмарсон, Сигурдсон и Петерсон имаа по пет гола. Голманот Густафсон заврши со 12 одбрани. Кај Португалија најефикасни беа Мартинс и Ариеа со по четири гола.