Гурбиндо: Во Вардар не можев да играм на моето најдобро ниво, затоа си заминав!

Едуардо Гурбиндо, откако пристигна во Скопје, изјави дека одлуката да се пресели во Вардар е одлична за него. Сепак, шпанскиот ракометен ас, по само еден месец ги напушти редовите на македонскиот ракометен шампион.

Негов нов клуб е Динамо Букурешт, каде потпиша двегодишен договор и одново ќе соработува со искусниот тренер Чави Пасквал. Во изјава за ромаските медиуми Гурбиндо ја открива причината зошто се решил да си замине од Вардар и апострофира дека не можел да го најде своето место во тимот на Веселин Вујовиќ.

„Во Вардар не можев да го најдам своето место, не можев да играм на моето најдобро ниво и избрав да се преселам. Го познавам Чави Пасквал долго време, тој ми го претстави проектот и јас избрав да дојдам тука. Благодарение токму нему, потпишав со Динамо.

Се чувствувам добро во Букурешт, атмосферата во соблекувалната е многу добра. Ми треба малку време да се адаптирам, но многу добро ја знам тактиката на Пасквал“, вели Гурбиндо.

Десниот бек во Вардар 1961 пристигна од француски Нант, а одигра само неколку натпревари. Пред настапите во Франција, десниот бек ја делеше соблекувалната со Кирил Лазаров во Барселона. И со клубот и со репрезентацијата на Шпанија има европски титули.