Гурбиндо две години во Динамо, Вардар доби отштета!

Шпанскиот ракометар Едуардо Гурбиндо ја напушта Македонија и кариерата ќе ја продолжи во Романија каде ќе го носи дресот на Динамо Букурешт. 

Веста за трансферот е потврдена од Вардар, а се чека на онаа од таборот на романскиот првак предводен од Чави Пасквал. Бекот доаѓа по желба на шпанскиот стратег, а со Динамо ќе стави потпис на двегодишен договор.

Вардар бараше 100.000 евра за Гурбиндо поради фактот дека ракометарот и клубот имаа потпишано тригодишен договор, меѓутоа, управата не ја доби посакуваната цифра. Ама, не мина и без ништо. Во касата на Вардар за овој трансфер легнуваат 50.000 евра.

Гурбиндо доколку се комплетира документацијата до ЕХФ ќе дебитира во дресот на Динамо на натпреварот против Пари Сен Жермен кој на програмата во рамки на Лигата на шампионите се игра в четврток со почеток од 20:45 часот.