Гулден: Си заминувам со измешани емоции од ЦСМ Букурешт

Gol.mk на женски ракометен Final 4 во Будимпешта

Ракометарките на ЦСМ Букурешт втора година по ред го освојуваат третото место на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Ромнаскиот првак го победи Ростов-Дон со минимални 31-30, но во поголемиот дел од мечот имаше висока предност. Изабел Гулден по три сезони, ќе си замине од романската престолнина со трето место од Лигата на шампионите. 

„Уште сум разочарана сум од вчерашниот ден, но денес ја покажавме нашата светла страна. Разочарана сум што ќе си одам од ЦСМ Букурешт, но среќна сум што си одам барем со третото место. Следниот мој чекор ќе биде заминувањето во Брест Бретањ и се надевам дека и со нив ќе бидам дел од Ф4“, изјави Гулден.

Тренерот на ЦСМ Букурешт, Пер Јохансон вели дека непланирано дошол во романскиот првак, но дека е задоволен од постигнатиот резултат.

„Беше многу тешко за мене што дојдов во финишот на сезоната. Го освоиме романскиот Куп, имавме два тешки дуели против Мец во четвртфиналето. Завршивме со одлично трето место. Секако дека е подобро доколку би дошол на почетокот на сезоната, но и вака не е лошо. Уште не сум разговарал со управата за продолжување на договорот, но ќе видиме“, изјави Јохансон.

Завршниот турнир во „Ласло Пап Арена“ ќе биде затворен со натпреварот за титулата меѓу Вардар и Ѓер, кој започнува од 18.00 часот.