Група Е: Два гладни медалисти меѓу сеевропските ривали во Египет

Групата Е на Мундијалот требаше да ја има репрезентацијата на Соединетите Американски Држави (САД), но по појавата на коронавирусот во селекцијата, местото ѝ се отстапи на Швајцарија, па така, оваа група ќе биде во целост европска, со два изразити фаворити кои ќе водат огромна битка за првата позиција.

Првиот гигант во групата е селекцијата на Франција, која на овој настан доаѓа со желба за висок дострел. „Триколорите“ константно се во врвот на светскиот ракомет, но овој пат, имаат голем хендикеп затоа што ја немаат на располагање првата ѕвезда Никола Карабатиќ кој се повреди и нема да биде дел од планетарниот ракометен собир.

Второто име кое отскокнува во оваа група е Норвешка, репрезентација која на двата последни Мундијали го освои сребрениот медал. Двата порази во финалињата од Франција и Данска во низа ја болат скандинавската селекција, а оваа година, според обложувалниците, Норвежанците се четврти фаворити за златото, зад Данска, Шпанија и Норвешка. Селекторот Кристијан Берге немаше многу проблеми во составот, но хендикеп се отсуствата на Магнус Род и Магнус Гулеруд во ростерот поради повреда. Но затоа тука е според многумина најдобриот светски ракометар Сандер Сагосен, за да ги „покрие“ сите аномалии.

Австријците добија место на овој Мундијал, но во оваа група ќе им биде доста тешко. Ем поради двата суперквалитетни ривали, ем поради отсуството на главните ѕвезди. Најискусниот играч Јанко Божовиќ се повреди, слична е ситуацијата и со Никола Билик, додека Херман и Пош ги откажаа настапите. Главен адут на словенечкиот стратег Алеш Пајовиќ ќе биде Роберт Вебер во кој се гледа како лидер.

Селекцијата која профитира од откажувањето на САД е Швајцарија. По долго отсуство, поточно од 1995 година, кога беа четвртфиналисти на СП во Исланд, Швајцарците се враќаат на еден планетарен собир. На учеството посебно му се радува легендата на ракометот во оваа земја, Енди Шмид, кој ќе има шанса да игра СП за првпат во кариерата. Она што е Кире Лазаров за Македонија, тоа е Енди Шмид за Швајцарија.

Во првото мундијалско коло во Египет, Австрија игра со Швајцарија (18:00), додека дербито меѓу Норвешка и Франција го доби ноќниот термин (20:30). Дуелите од оваа група ќе се играат во градот Шести октомври, во салата „Доктор Хасан Мустафа“.