Група Е: Дибиров, Лекаи и Палмарсон ќе го предизвикаат светскиот првак Данска

Група Е

Репрезентацијата на ДАНСКА, која стана светски првак пред точно една година, ќе биде главен фаворит во групата Е. Скандинавците се меѓу кандидатите за највисок пласман на ова Европско првенство на кое ќе играат за третото златно одличје во својата историја. Претходно се искачија на врвот на стариот континент во 2008 и 2012 година.

Микел Хансен се очекува одново да биде лидер на една од репрезентациите која игра модерен, брз и ракомет убав за око, кој секако е омилен меѓу фановите. Тука е голманот Никлас Ландин, а крилото Ласе Сван и селекторот Николај Јакобсен би требало да бидат факторите од кои ќе зависи конечниот пласман на Данците.

Селекцијата на УНГАРИЈА ќе биде предводник на преостанатите учесници во оваа група, кои ќе играат за второто место. Истван Гулјас ќе биде човекот кој ќе ја води репрезентацијата во своето 12-то учество на континенталните собири. Од успесите се издвојува само сребрениот медал од далечната 1986 година.

Сега кога го нема Ласло Наџ, играта во голема мера зависи од формата на Мате Лекаи. 31-годишникот е задолжен за организација на нападите и играчот кој треба да ги разигра останатите. 

ИСЛАНД доаѓа на ЕП со комбиниран состав од млади и искусни ракометари. Селекторот Гудмундур Гудмунсон се надева дека новата генерација ќе може да го поправи впечатокот од претходните два турнири, на кои екипата се пласираше само на 13-то место. Оваа репрезентација ги помина квалификациите за пласман на собирот во иста група со Македонија.

Искусниот Гудјон Валур Сигурдсон продолжува да ги поместува границите и на 40 години ќе биде дел од националниот тим. Сепак, главна ѕвезда ќе биде Арон Палмарсон, кој настапува во Барселона, од кого ќе се очекува да ја преземе одговорноста секогаш кога тоа е потребно.

За крај тука е РУСИЈА во која голем дел од ракометарите се членови на Вардар. „Зборнаја“ сонува за злато од 1996 година, а во последните неколку учества е далеку од задоволителни пласмани. Едуард Кокшаров, сега екс предводникот на вардарци, ќе има тежок предизвик да донесе радост за своите навивачи на ова ЕП.

Тимур Дибиров е човекот на кој ќе мора да внимаваат сите противници. Кога тој е разигран, неговите соиграчи го следат и можат да бидат опасни за било која репрезентација. Глеб Калараш ќе биде задолжен за одбраната, Дмитри Киселев за головите, а Данил Шишкарев за реализациите од крилна позиција.

Репрезентациите од оваа група ќе бидат сместени во Малме, Шведска.