Група Ц: ЛШ по 14 години се враќа во Битола, Спортинг и Савехоф први фаворити! 

Од финскиот град Рихимаки вечерва започнува последната сезона на ракометната Лига на шампиони во овој формат – со 28 екипи. Финскиот шампион Кокс пред својата публика ќе го пречека Савехов од Шведска, во натпревар кој се игра во рамки од групата Ц, во која учествува и македонскиот вицешампион Еурофарм Работник. 

Ланското пријатно изненадување во групата Д и оваа сезона успеа да обезбеди учество во европската елита, но овој пат амбициите му се драстично пораснати. Во својот ростер има повеќе од десет странци, голем број се балканци, а меѓу нив е и добро познатото десно крило за македонската ракометна јавност - Александар Гуглета, кој во минатото ги носеше дресовите на Пелистер и Металург. Во ланската сезона Кокс не беше лесен залак за противниците и успеа да запише две победи и две ремија. 

На другата страна пак е тимот на Савехов, кој повторно е дел од ова натпреварување. Шведскиот клуб и покрај проблемите со кои се соочува на стартот од сезоната поради заминувањето на тренерот Јонас Лархом, важи за сериозен тим кој никако не смее да се потцени. 

Дел од групата Ц е и португалскиот шампион Спортинг, првиот противник на Еурофарм Работник. Тимот од Лисабон одлично ја започна сезоната на домашно тло  и засилен со искусниот Вујин дополнително се наметнува како најсериозен кандидат за првите две места на табелата. Португалците во Битола ќе допатуваат со позитивни вибрации по големата победа во домашниот шампионат против Бенфика на нашиот Борко Ристовски. 

Редовниот учесник во СЕХА лигата, Татран Прешов, овој пат без македонскиот репрезентативец Никола Костески како и шпанска Бидасоа се сметаат за екипи кои можат да изненадат од сенка во оваа група. Токму двете екипи со меѓусебен дуел кој се игра во Прешов ќе ја стартуваат новата сезона. 

Македонскиот вицешампион Еурофарм Работник ја доби довербата на ЕХФ и за првпат во својата историја ќе биде дел ова одбрано друштво. Тимот на Стевче Алушовски ова лето се засили со неколку квалитетни ракометари кои би биле од големо значење за претстојните предизвици, а најголемото засилување го сочуваа за самиот крај, откако Владислав Остроушко се врати во Битола и ја продолжи соработката со тимот.

Ослободени од притисокот, како и битолската атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ сигурно ќе бидат најголемите адути на Еурофарм Работник, кој тоа го докажа против Спартак Москва на деби-настапот во СЕХА лигата. Во првото коло македонскиот тим ќе се судри со Спортинг во Битола, меч кој е закажан за в недела од 17:00 часот.