ГРУПА Б: Веспрем се врати, СЕХА за првпат во Битола и Москва! 

Со дуелот меѓу Војводина и Нексе вечерва стартува новото, деветто издание на регионалното ракометно натпреварување – СЕХА лигата, кое од година во година е сè побогато. 

Новата сезона донесе проширување на лигата и неколку големи промени. Наместо една сега има две групи поделени со по шест екипи, а покрај новајлиите лигата доби и големо засилување во враќањето на европскиот вицешампион Веспрем. 

Унгарскиот гигант е сместен во група Б, каде ќе се натпреварува со старите познаници ППД Загреб и Мешков Брест, повратникот во лигата по седум години Металопластика, како и новајлиите Спартак Москва и македонскиот вицешампион Еурофарм Работник. 

Официјалниот старт оваа група ќе го има утре и тоа со дерби меѓу Мешков Брест и Веспрем, а првото коло ќе биде затворено со првиот историски меч во Битола меѓу Еурофарм Работник и Спартак Москва. Во рамки од ова коло во Шабац ќе се сретнат уште Металопластика и ППД Загреб. 

До крајот на годинава (14/15 декември) ќе се одиграат дуелите во групната фаза, а почнувајќи од февруари 2020, ќе започнат разигрувањата, односно плеј-офот. 
 
Завршниот „фајнал-фор“ турнир е предвиден во периодот од 3 до 5 април 2020 година. Бранител на титулата е Вардар, кој лани на доминантен начин стигна до својата петта титула.