Група Б: Три незгодни репрезентации ќе ја нападнат големата Шпанија

Со оглед на квалитетите со кои располагаат сите репрезентации, групата Б се очекува да биде една од највозбудливите и најнеизвесните во првата фаза од Светското првенство во Египет. Европскиот шампион Шпанија, без сомнение е главен фаворит за првата позиција, но сигурно, патот до врвот ќе биде многу тежок и стрмен, затоа што го чека дуели со Бразил, Полска и Тунис.

Ниту една од овие селекции не е во рангот на Шпанија, но секако дека поседува квалитет со кој може да се надигрува на големите натпреварувања. Пред сè се мисли на полскиот тим, кој иако е во фаза на подмладување, во својот ростер има доста искусни играчи кои знаат како е да се игра на вакви натпревари. Дефинитивно, Полска не е онаа истата од пред шест години, кога го забележа вториот најголем успех во својата историја со освојувањето на третото место на Светското првенство во Катар, но се чини дека промената на генерацијата е во завршна фаза и младите репрезентативци треба да прераснат во вистински лидери кои ќе ја водат селекцијата до нови успеси. 

Шпанија е една од ретките велесили која во Египет допатува без посериозни проблеми во својот ростер. Барем засега селекторот Ривера нема да може да смета само на Јулен Агинагалде и Едуардо Гурбиндо, кои од поодамна го откажаа својот настап, но тука се браќата Душебаев, Македа, Гонзало, Сармиенто, Канељас... „Фуријата“ која зад себе има две шампионски титули (2005 и 2013), првата групна фаза ќе ја отвори вечерва, против селекцијата на Бразил (18:00).

Бразил, пак, можеби најослабен отпатува за Египет, затоа што во последен момент доживеа голем шок, откако клучниот играч во одбраната Тиагус Петрус и селекторот Маркус Тата добија позитивни резултати за ковид-19 на последното тестирање и останаа дома. Но, Тата и Петрус не се единствените ковид-проблеми за „кариоките“, бидејќи претходно во составот имаше уште пет заразени ракометари, што секако е сериозна бројка за една репрезентација која не може да се пофали со широк ростер. Во отсуство на Петрус, водечка сила на Бразил се очекува да бидат поранешните вардарци, Толедо и Мораес, а голем адут би требало да биде и левото крило Боргес. 

Тунис на последниот африкански шампионат имаше одличен резултат и го освои сребрениот медал и со големи амбиции замина на овој Мундијал. Но, исто како и Бразил, во подготовките се соочуваше со големи проблеми поради заразени ракометари и ослабен со неколку клучни репрезентативци ќе настапи во Египет.