Група Б: Шампионската екипа на Вардар ќе разигрува против Кил, Веспрем, Монпелје...

Актуелниот европски првак Вардар новата сезона во Лигата на шампионите ќе игра во групата Б.

Со мали промени во однос на минатата сезона, македонскиот првак ќе ја брани титулата која во јуни ја освои по вторпат во својата историја. Заминаа неколку клучни ракометари, но костурот на тимот речиси остана ист. Давид Писонеро пристигна на местото на Роберто Гарсија Парондо во обид да го повтори неговиот и успехот на Раул Гонзалез од пред две години. Амбициите, како и минатата година, ќе бидат да се стигне до завршниот турнир, а таму картите се отворени за конечна победа.

Групната фаза ќе донесе исклучително тешка конкуренција. Во игра за првото место, кое носи директен пласман во четвртфиналето, ќе бидат добро познатиот Веспрем, Киелце на Талант Душебаев, германски Кил и Монпелје. 

Фаворити од сенка ќе бидат Мотор Запорожје и Мешков Брест, а аутсајдер и екипата против која бодовите не би требало да бидат проблем е португалскиот првак Порто.

Нашиот Вардар ќе му гостува на Монпелје во воведниот меч од групата, в сабота со почеток од 17:15 часот.