ГРУПА Б: Европските сили Шпанија и Португалија ја водат играта во групата

Група Б

Шпанија

Потписот на Лопетеги на клупата на Реал Мадрид донесе потрес во шпанскиот национален тим непосредно пред почетокот на Светското првенство. Некогашниот голман имаше успешен процес со У21 селекцијата, а без пораз ја одведе Шпанија на Мундијалот со контунуирана смена на генерации. Победата над Аргентина од 6-1 во пријателски натпревар беше круна на досегашното владеење на Лопетеги на местото на Дел Боске како селектор на „фуријата“. Од стариот бран предводници се Иниеста, Пике и капитенот Рамос, но веќе зрели за најсилниот национален тим се Иско, Асенсио, Јаго Аспас, Тиаго. Шпанија е меѓу 4-5 фаворити за светската круна и најголем проблем пред дебито со Португалија им е „случајот Лопетеги“ и неочекуваното заминување во Реал Мадрид и покрај постоечкиот договор со федерацијата. 

Португалија

Европскиот првак на хартија е посилен од пред две години, но неспоредливо е Светското со Европското првенство. На Роналдо во нападот му се приклучија Гонзало Гуедес и Бернанрдо Силва како одлични опции, а фудбалери на Спортинг и Порто „тропаат на вратата“ на националниот тим. Цврстата одбрана и Руи Патрисио, на кои се темелеше успехот последните неколку години, пак е тука, а искусниот селектор Фернандо Сантос е додадена вредност за националниот тим. Ако им се поклопат „коцките“ Португалците можат далеку и на ова Светско првенство.

Мароко

Враќањето на Мароко на големата сцена се поклопува со доаѓањето на францускиот стручњак Ерв Ренард на клупата. Мароканците одиграа одличен циклус квалификации, а имаат и многу искусни фудбалери. Со одбраната диригира Бенатиа, креацијата му е доверена на Белханда, а голови се очекуваат од Бусуфа и Буадуз. Во конкуренција на Шпанија и Португалија, шансите на Мароканците им се лимитирани, но не е исклучена можноста да изненадат. Пласман во осминафиналето за оваа африканска земја ќе биде еднакво на сензација.

Иран

Иксуството и одличното водство на Карлос Кеироз се најпозитивните страни на иранската селекција. Тимот кој прв пристигна на руско тло никогаш не ја поминал групата. Иран во нападот го има ветеранот Дежага, одлична сезона играат Сардар и Реза, а одбраната е најсилниот адут на иранската селекција. Ждрепката не им беше наклонета, па во оваа силна група шансите на Иран се сведени на теорија. Но, поучени од пред четири години кога скапо ја продадоа кожата, сигурно сите добро ќе размислат пред да ги впишат бодовите на своето конто кога ќе играат со Иран. 

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
четврток, јуни 15 (17.00 часот): Maроко - Иран
вторник, јуни 15 (20.00 часот): Шпанија - Португалија
недела, јуни 20 (14.00 часот): Португалија - Мароко
недела, јуни 20 (20.00 часот): Иран - Шпанија
четврток, јуни 25 (20.00 часот): Шпанија - Мароко
четврток, јуни 25 (20.00 часот): Иран - Португалија