Група А: Барса и ПСЖ ќе водат директна битка за пласман во четвртфиналето

Новата сезона во Лигата на шампионите ќе биде можност за европските гиганти да ја симнат круната од актуелниот европски првак Вардар.

Како најголеми фаворити за претстојното издание на најдоброто ракометно натпреварување во Европа се споменуваат Барселона и ПСЖ. Тие ќе се надигруваат во групата А во која првото место носи директен пласман во четвртфиналната фаза.

Каталонците се засилија со Лука Циндриќ и најавуваат сезона во која ќе се одмаздуваат за она што им се случи на последниот завршен турнир во Келн. Тие имаа висока предност против нашиот шампион во полуфиналето, но на крај загубија и одново играа само за трето место. Чави Пасквал и неговите избраници се подготвени повторно да се борат за самиот врв и да стигнат до нов трофеј во Лигата на шампионите.

Францускиот првак, пак, долго време верува во висок пласман, но никако не ги оправдува вложените средства во проектот. Ланската сезона беше за заборав, со оглед на тоа што не беше обезбедено место на Ф4 турнирот. Претходно, полуфиналето за „принцевите“ донесе пораз од вардарци. Хансен и другарите одново ќе бидат главни фаворити за титулата, но со оглед на силната конкуренција и непредвидливите противници, ќе мора да покажат шампионски карактер доколку сакаат да го заменат Вардар на врвот на Европа.

Веднаш зад двата изразити фаворити се наоѓаат екипи како ПИК Сегед, Флензбург, ППД Загреб, Целје Пивоварна Лашко и Алборг кои ќе се обидат да приредат изненадување, а тотален аутсајдер се смета екипата на Елверум.

Отворање на групата А ќе направат ПИК Сегед и Барселона на 14 септември со почеток од 17:30 часот.