ГРК Тиквеш четврта година по ред ќе игра во Европа!

ГРК Тиквеш и официјално ќе биде дел од новата сезона во ЕХФ Европскиот куп, откако Европската ракометна федерација му додели вајлд-карта за настап во ова натпреварување.

Така, кавадаречкиот клуб четврта сезона во низа ќе ја претставува Македонија на европската ракометна сцена, што претставува уште една потврда за стабилноста, континуитетот и квалитетната работа во клубот.

„По одлука на Европската ракометна федерација, нашиот клуб доби вајлд-карта за настап во новата сезона и четврта година по ред ќе ја претставува Македонија на европската ракометна сцена. Да се биде дел од Европа четири последователни сезони е потврда за стабилноста, континуитетот и работата што сите заедно ја градиме. Ова е успех на клубот, на нашите играчи, стручниот штаб, спонзорите, навивачите и на целиот град“, се вели во објавата на клубот.

Со настапот во ЕХФ Европскиот куп, Кавадарци и во сезоната 2026/27 ќе биде домаќин на меѓународни ракометни натпревари, продолжувајќи ја успешната европска приказна на клубот.