ГРК Охрид со звукот на сирената го порази Еурофарм Пелистер!

Екипите на Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид го одиграа дербито на колото во плејофот во македонскиот ракометен шампионат, а победија „рибарите“ со гол во самиот финиш со резултат 26-27 (13-11). Со овој резултат, охриѓани се израмнија на второто место со Еурофарм Пелистер. Двата тима имаат по 42 бода, а најмногу на исходот се радува лидерот Вардар 1961 кој сега има уште поотворен пат до титулата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид:

Натпреварот тргна подобро за гостите, кои ги држеа пелистерци без гол четири минути. ГРК Охрид постигна два гола, но откако домашниот тим ја прекина голгетерската криза, влезе во проблем со технички грешки и Еурофарм Пелистер преку Атанасијевиќ и Хосни израмни на 2-2.

Имаа Охриѓани контрола на резултатот, но во 15. минута дозволија Еурофарм Пелистер да постигне четири гола во низа и да замине првпат на поосетен плус (9-6). Избраниците на Ројевиќ по исклучување на главниот дефанзивец на ривалот Абутовиќ одговорија со два гола на Ќосевски и Иванковиќ (9-8) па двата тима се бркаа резултатски.

На паузата, Еурофарм Пелистер имаше два гола позитива (13-11), а и покрај добрата игра и расположениот голман Хеидаридад, ГРК Охрид пак се врати во мечот и израмни на 17-17 благодарение на Пилиповиќ кој влезе во ритам на спротивната страна и бранеше добро. Имаше Еурофарм Пелистер проблем во овие моменти и со исклучувања.

Во 45. минута, гостинот беше во позитива од еден гол (17-18), по голема битка во нападот следеше и погодок на Петриќ за „плус два“ на Охриѓани (17-19), но Еурофарм Пелистер пак се врати, израмни на 20-20 на десет минути пред крајот и следеше драматичен крај. Се играше гол за гол во следните минути, а Никола Митревски забележа голема одбрана од пенал во 55. минута при 23-23. На спротивната страна, Филип Кузмановски погоди за 24-23 иако домашните беа со играч помалку, па следеше пенал за Охрид, преку кој Ѓукиќ израмни на 24-24. Имаше три минути до финишот, преку брза контра Лиапис донесе 24-25 за гостите, Пешевски пак израмни на 25-25, па на влезот во последната минута, Иванковиќ и Видосмски стрелаа за 26-26. Последниот збор на мечот го имаше ГРК Охрид, гол за победа даде Стрмљан со звук на сирената.

Најдобар стрелец кај ГРК Охрид беше Тилен Стрмљан со пет гола, пред Томислав Јагуриновски и Ален Ќосевски со по четири постигнати гола. Кај голманите, Кристијан Пилиповиќ имаше седум интервенции. Кај Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков имаше шест, а Филип Кузмановски и Усама Хосни дадоа по четири гола, додека Никола Митревски фати осум топки.