ГРК Охрид имаше само полесен тренинг против Радовиш

Екипата на ГРК Охрид ја оправда фаворитската улога и запиша висока победа над Радовиш (35-17) во рамки на македонската ракометна Суперлига. Тимот на Борис Ројевиќ имаше полесен тренинг против ривалот, затоа што во ниту еден момент радовишани не беа компетитивни во градот крај езерото. Разликата меѓу двата тима беше евидентна од првата па се до последната минута.

  • Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Радовиш:

Гостинот беше близу до домаќинот во СЦ „Билјанини Извори“ само во првите петнаесет минути, кога беше 8-7. Потоа, се беше во знакот на ГРК Охрид. Предводен од Петриќ, Савревски, Ѓукиќ, домашниот тим влезе во серија и замина на 14-8, плус кој остана до паузата (16-11).

Во вториот дел ГРК Охрид пристапи посериозно за разлика од минутите на стартот, отвори со серија од 7-0 и се одлепи на 23-11 и оттогаш беше полесно да се игра. Немотивираниот Радовиш постигна само шест гола во вториот дел, што доволно говори за инфериорноста на тимот на ова тешко гостување.

Дарко Ѓукиќ и Стефан Петриќ имаа по шест гола за победникот, а Давид Савревски имаше пет, додека кај Радовиш, Бобан Каковски беше најдобар стрелец со шест постигнати гола, а не помогнаа единаесетте интервенции на голманот Даниел Ацев. Кај Охрид, Даниел Ѓорѓески фати осум топки.

ФОТО: ГРК Охрид / Анамарија Момироска