ГРК Охрид и „Рибари“ се мобилизираат за мега-дербито со Вардар!

Охрид деновиве живее за ракометот. Градот и навивачката група „Рибари“ се мобилизираат за дербито со Вардар 1961 во македонската Суперлига, а воедно се подготвуваат и за финалето во Еврокупот на ЕХФ против унгарската Татабања

По повод мега-дербито со скопските „црвено-црни“, клубот упати апел до сите љубители на ракометот да ја исполнат салата „Билјанини извори“ и да им дадат голема поддршка на своите миленици. 

ГРК Охрид ги повикува охриѓани и навивачката група Рибари, кои се значаен дел од историскиот успех на клубот да ја исполнат салата “Билјанини извори”, да ни дадат поддршка во натпреварот со Вардар кој е од големо натпреварувачко значење“, стои во соопштението од клубот. 

Охриѓани се во пеколен ритам во финишот на сезоната. Пред клубот кој игра на два фронта се клучните натпревари во домашното првенство и ЕХФ Европскиот куп. Но претходно „гладијаторите“ имаат значајни пресметки во плејофот од Суперлигата со Вардар, а потоа и со Еурофарм Пелистер.

Натпреварот помеѓу ГРК Охрид и Вардар 1961 се игра на деветти мај, со почеток во 17:00 часот.