• Мартин Танасковски
Ракометарите на Охрид ја потврдија својата надмоќ и на реванш-натпреварот против азербејџански Баку, славејќи со убедливи 38-21, по триумфот на првиот меч со високи 44-11. Со тоа охридскиот состав без никакви проблеми ја обезбеди следната фаза во европското натпреварување.
Иако тренерот Борис Ројевиќ настапи со значително изменет состав, без неколку клучни играчи како Ојлески, Чаневски и Иванковиќ, тимот не покажа ниту најмала несигурност. На клупата останаа и неколку искусни имиња како Стрмљан, Ѓукиќ, Ѓорѓески, Моралес и Лиапис, што овозможи младите охридски ракометари да добијат поголема минутажа и целосно ја искористија шансата.
Публиката во салата во Охрид уживаше во настапот на домашните играчи Трајчески, Ристески, Пупунцоски, Крстевски и Шипинкоски, кои речиси целиот меч го минаа на терен. Уште по првите 30 минути, при резултат 23-9, победникот беше јасен. Во второто полувреме охриѓани продолжија со исто темпо, диктирајќи го ритамот и со висока ефикасност во нападот целосно го надиграа противникот.
Давид Савревски беше најпрецизен со девет погодоци, а веднаш зад него беа Кукуловски и Шипинкоски со по седум постигнати гола, додека кај Баки, Камран Мамадов имаше вкупно осум реализации.


