Гришикашвили: Трансферот во Тиквеш е голем чекор за мене, едвај чекам на првиот натпревар

Екипата на Тиквеш се подготвува за новата сезона, во која освен на домашно тло ќе игра и во Европскиот Куп на ЕХФ, каде што во второто коло за ривал го доби Бешикташ. 

Кавадарчани летово се засилија на повеќе позиции, а токму новајлијата Гиорги Гришикашвили ги искажа своите први впечатоци од новиот клуб. Грузискиот репрезентативец вели дека за него ова е чекор напред во кариерата и нестрпливо го чека првиот натпревар пред домашната публика.

„Среќен сум што дојдов во Тиквеш, Македонија е прекрасна и ракометна земја, а Кавадарци е преубав град. Клубот е веќе неколку години на врвот во македонската лига која е најдобра на Балканот, и еве веќе неколку години се натпреварува на европската сцена. 

Пред сè, доаѓањето мое во Македонија е навистина голема одговорност бидејќи грузиските играчи во Македонија имаат навистина оставено голем впечаток, скоро сите репрезентативци од нашата национална селекција ги направија првите чекори како професионални играчи во Македонија и иако не ми е првпат да играм надвор од Грузија, сепак е голем чекор за мене да се подобрам на теренот и надвор од теренот.

Ќе се потрудам што побрзо да се адаптирам со новите тренери и соиграчи и да имам одлична сезона полна со победи и нови искуства. Ќе се потрудам да го пренесам целото мое клупско и репрезентативно искуство на теренот, и достојно да ги бранам боите на клубот и градот, и најважно од сè, се надевам дека сите ќе бидат здрави во текот на сезоната. Нестрпливо го чекам првиот домашен натпревар и првиот допир со едни од најдобрите навивачи Лозари“, рече Гиорги Гришикашвили.

Тиквеш покрај Гришикашвили своите редови ги засили уште со Томче Стојановски од Вардар, десните бекови Мохамед Ахмед Ел Масри од Египет, Аугусто Аранда кој е Португалец со анголски пасош и голманот Василије Печурица од Битола.

ФОТО: ГРК Тиквеш